Во понеделник се навршуваат 10 години од загинувањето на големата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Оддавајќи му почит, 12 маратонци од повеќе градови од Македонија денеска во 17 часот го почнуваат својот маратон од Нова Градишка во Хрватска каде Тоше Проески во 2007 година, во автомобилска несреќа го загуби животот.

Според претседателот на фондацијата „Тоше Проески“ Андреј Николоски, маратонците утре во 18 часот ќе бидат пречекани на градскиот плоштад во Скопје.

– Во Крушево маратонците ги очекуваме на пладне на 16 октомври на вечното почивалиште на Тоше Проески, на гробиштата на Гумење. Потоа во спомен-куќата на Тоше, на Гумење во негова чест ќе има културно-уметничка програма, изјави Николоски.

Директорот на „Спомен куќата на Тодор Проески“, Елена Мирчевска рече дека во Крушево веќе се пристигнати фановите на Тоше од Хрватска и од Србија.

– В понеделник откако ќе ги пречекаме маратонците, во спомен-куќата во чест на Тоше 15-тина студенти од Универзитетот „Гоце делчев“ од Штип ќе сликаат, инспирирани од животот и делото на нашата музичка ѕвезда. Учениците од крушевското основно училиште „Никола Карев“ ќе изведат поетски рецитал, а ќе настапи и хорот при Гимназијата во Крушево „Наум Наумоски-Борче“. Во спомен-куќата се изложени околу 350 експонати, сопственост на семејството на Тоше Проески и за шест години откако постои музејот, го посетиле преку 500.000 гости од Македонија и од светот, изјави Мирческа.

Претседателот на фондацијата „Тоше Проески“ Андреј Николоски најавува и нов албум, кон крајот на ноември и почетокот на декември. Се работи за песни снимени на англиски јазик на Тоше Проески во студиото на Енди Рајт во Лондон.

– Подготовките за албумот се во финална фаза. На него ќе се најдат шест песни на англиски јазик на Тоше. Материјал е снимен во студиото на продуцентот Енди Рајт во Лондон. Меѓу нив ќе биде и песната што се промовираше на 5 октомври во Скопје. На лбумот ќе има и неколку преработки на стари хитови на Тоше. Се подготвуваат и видеата за новиот албум, најави Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2017 21:59