Министерството за транспорт и врски распиша осум јавни повици за изградба на комунална инфраструктура, со што ја почна реализација на проект за подобрување на водоводната и канализациската мрежа.
Распишани се повици за водоводна мрежа со реконструкција на дел од постојаната водоводна мрежа во населено место Студеничани со проценета вредност од 1.430.000 денари, изградба на цевковод во општина Гостивар во вредност од 93.280.000 денари и доградба на дел од водоводна мрежа во општина Ресен со вредност од 18.040.000 денари и изградба на дел од водоводна мрежа во општина Виница со проценета вредност од 10.350.000 денари. Со повиците се предвидени и изградба на водоснабдителен систем во општина Желино со износ од 48.880.000 денари, на секундарна мрежа за фекална канализација за населено место Короишта, Ливада и Ложани, општина Струга со вредност од 33.040.000 денари, дел од канализациска мрежа во Големо Коњари, општина Прилеп инвестицијата од 15.962.000 денари, како и изградба на дел од фекална канализација со пречистителна станица за Ропотово, прва фаза, со проценета вредност од 25.195.000 денари.
Како што потенцира Министерството за транспорт, парите за проектите се веќе обезбедени. – Цел на Владата на Република Македонија е во наредниот период од 18 проценти покриеност на територија на Република Македонија со комунална инфраструктура, да се зголеми на 40 проценти што е во функција на обезбедување рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини, се вели во соопштението.