Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе писмено известување до Основното јавно обвинителство Скопје за А.В. (19) од Кавадарци и Р.М. (17) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени 59 кривични дела. Од нив 16 се кривични дела „тешка кражба“, 42 се кривични дела „тешкa кражбa во обид“ во моторни возила и едно е кривично дело „одземање на моторно возило“.

Како што информира денеска МВР, поднесено е писмено известување и против Е.Х. (24) поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „прикривање“.

Лицата А.В. и Р.М. од 1:40 часот на 30 мај 2017 до 4:00 часот на 31 мај 2017 година на улицата „Антон Попов“ во општина Кисела Вода извршиле 19 кривични дела (пет тешки кражби, 13 тешки кражби во обид и едно одземање на моторно возило). Тие преку влезна врата од зграда, влегле во подземна гаража и со шрафцигер и употреба на физичка сила направиле отвори на стаклата од возилата кои биле паркирани. Преку отворите влегле во внатрешноста на возилата, одзеле пари, алати, радио, далечински управувачи за излез од гаража и други предмети. Тие пронашле и резервен клуч од патничко возило „Алфа 147“ и со него ги изнеле сите предмети и побегнале. Подоцна со истото возило А.В. на улицата „Емил Зола“ предизвикал сообраќајна незгода, при што удрил во повеќе паркирани возила, по што двајцата го напуштиле возилото.

Од 23 часот на 9 јуни 2017 до 7 часот на 17 јуни 2017 година на подрачјето на општина Аеродром пријавените извршиле 40 кривични дела (10 тешки кражби, 29 тешки кражби во обид во моторни возила и една тешка кражба на велосипед).

А.В. и Р.М. со шрафцигер ги отворале влезните врати од влезовите и подземните гаражи од зградите и со истиот алат направиле отвори на стаклата од возилата кои биле паркирани. Преку отворите влегле и одзеле предмети, по што го напуштиле местото. На 17 јуни 2017 година на булевар „Видое Смилевски Бато“, кога се подготвувале да извршат други кривични дела, тие биле забележани од страна на граѓанин, по што побегнале.

Лицата А.В. и Р.М., во два наврати, дел од украдените предмети ги продале на Е.Х., кој и покрај тоа што знаел дека предметите потекнуваат од кривични дела, ги препродал на трети лица за повисока сума. Со извршување на овие кривични дела пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 126.500 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 00:03