Триесетина планинари од Крива Паланка, Куманово и Скопје вчера ја реализираа планинарската акција „По патот на Комитите 2017”.

Акцијата е во организација на Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“ од Крива Паланка“ и се организира по трет пат.

– Стартот на акцијата беше од кај месноста наречена „Езеро” во подножјето на Калин Камен, врв на Осоговската планина кој се наоѓа на 1870 метри надморска височина. Патеката е релативно лесна, со денивелација од 400 метри искачување и 1000 симнување, а е долга околу 26 километри. Сите учесници ја искачија турата која е кружна околу „Комитски рид” од каде и акцијата го доби името „По патот на Комитите”, истакна Мартин Митровски, претседател на ЗПЗП „Калин камен 2015“.

Со патеката се поминуваат околу 35 отсто од Осоговската планина.

– Долж патеката се пристигнува до месноста Слана бара, кај Комитска Колиба, каде по мала пауза за одмор и фотографирање продолживме кон Бел Камен, па Бабина чешма и Столев врв. Преку месноста Бела Вода се искачивме на врвот Костадиница, па Корија, од каде се спуштивме во село Дурачка река, заокружувајќи ја патеката, додаде Митровски.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 01:57