Корпорацијата од Албанија, „Балфин груп“, која беше сопственик на „Сити мол“, објави дека купила 155.000 квадратни метри земјиште на раскрсницата на улицата Беласица и булеварот Александар Македонски, каде што се наоѓа Скопски саем. Станува збор за почетна инвестиција од 180 милиони евра, а во следните 5 до 7 години таа би пораснала до 300 милиони евра, со изградбата на гигантски трговски центар и станбени и деловни згради. Тоа, според албанската корпорација, ќе биде најголемата приватна инвестиција од тој тип во историјата на Македонија, а ќе отвори неколку илјади нови работни места.

Според информации од некои фирми кои користеле деловни простории под наем во објектите на Скопски саем, а кои сега се иселуваат, многу веројатно е дека „Балфин груп“ ја купила и парцелата на Скопски саем, чиј сопственик летово стана бугарската фирма „Кардфинанс“ ДООЕЛ, купувајќи го од НЛБ и од Комерцијална банка. Банките го презедоа Скопски саем поради неплатени долгови на претходниот сопственик, словенечката компанија ЕРА.

Според објавата на веб-страницата на „Балфин груп“, на парцела од 250.000 квадратни метри ќе се изгради трговски центар на 45.000 квадратни метри, како и станбени и деловни згради. Инвестицијата се прави преку фирмата – ќерка „Скопје ист гејт риал естејт дивелопмент“.

Трговскиот центар ќе биде на две нивоа, со паркиралиште за 2.500 возила, а станбените згради ќе се градат следните пет години.

На локацијата во 2008 година беа направени првите чекори за изградба на гигантскиот комплекс „ЕРА сити“, но откако беше ископана огромна дупка до хотелот „Континентал“, градежните работи сопреа.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2017 09:28