Возилата да не се користат без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за загревање на домовите да не се користат отпадни материи и да се зголемат инспекциските контроли на оџаците во домаќинствата, објектите и индустриските и занаетчиските постројки од страна на државните инспектори.
Ова се дел од препораките до граѓаните и до институциите во случај на надминување на концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот во текот на пет последователни дена над 50 микрограми на кубен метар, што ги објавија денеска од канцеларијата на градоначалникот на Град Скопје.
Како што соопштија од Град Скопје, препораките се издадени врз основа на известување добиеното вчера од Министерството за животна средина и просторно планирање, а во согласност со Заклучокот од 108-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 25.12.2012 година.
Меѓу препораките до граѓаните се и за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот, како и редовно да се чистат оџаците.
Во однос на заштита на здравјето на луѓето се препорачува да се избегнува долгорочна изложеност на отворено, посебно доцна навечер или рано наутро кога концентрациите на ПМ10 можат да го достигнат максималното ниво.
– Доколку луѓето имаат повеќе од еден систем за греење во домот, пожелно е да се избегнува употреба на цврсти горива во текот на критичниот период со зголемени концентрации на ПМ10. Треба да се одложат сите активности на отворено, доколку не се итни, се наведува во соопштението.
Препораки до институциите и правните субјекти се: да се зголемат инспекциските контроли на инсталациите во надлежност на МЖСПП и општините во градот Скопје, да се зголемат инспекциските контроли на субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла од страна на општинските инспекциски служби, да се зголемат и спроведат вонредни инспекциски контроли на градилиштата во надлежност на општините, да се спроведува зачестено чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на општините во градот Скопје, доставата на стоки со возила да се извршува пред 7:30 или по 18 часот.
Понатаму, обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18:00 часот, да се зајакнат вонредните контроли на МВР во однос на техничката исправност на возилата за кои се сомневаат дека имаат зголемени емисии на штетни гасови.
Меѓу препораките се и да се зголемат инспекциските контроли на оџаците во домаќинствата, објектите и индустриските и занаетчиските постројки од страна на државните инспектори за заштита и спасување, сите правни субјекти (административни и јавни установи) што за затоплување користат уреди за согорување – котли, истите да ги контролираат за обезбедување оптимален режим за согорување, пропишан со стандардите, со што нема да испуштаат загадувачки материи и да се откажат/одложат големи јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено.