Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, заедно со Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ го посетија стационарот за хуман третман на уличните кучиња „Вардариште“.

– Денеска се наоѓаме во стационарот за згрижување кучиња скитници „Вардариште“, ги отвораме вратите, овдека сме заедно со вработените во Вардариште и со претставниците на граѓанскиот сектор коишто се занимаваат со оваа проблематика како здруженија. Целта ни е да ги видиме условите, начинот и како се згрижуваат кучињата скитници, да ги подобриме условите за престој на животните коишто се овдека стационирани заради зимскиот период и да направиме една координација, јас како Градоначалник, вработените од Стационарот и претставниците на граѓанскиот сектор и да дојдеме до едно оптимално решение за посовремен и похуман начин на згрижување на овие животни. Мене ми е драго што овдека се претставниците од граѓанскиот сектор, бидејќи со нив имаме намера да го уредиме начинот и системот на функционирање на згрижување на бездомните кучиња – изјави градоначалникот, Петре Шилегов.

Радмила Пешева од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ изјави дека ова е нов почеток на работа на стационарот „Вардариште“ и дека тие барале од Градоначалникот да бидат вклучени во неговото управување, како и дека многу работи ќе треба да се променат во третманот на кучињата. Таа посочи дека иако масовно ќе се применува програмата „Залови, стерилизирај и врати на локација“, паралелно со оваа мерка за конечно да се решат проблемите со бездомните кучиња ќе треба да се применуваат и низа други мерки и од локалната и од централната власт.

-Очекуваме многу и спремни сме максимално да се вложиме, така што сметаме дека од сега натаму работите ќе бидат подобри, рече Радмила Пешева од „Анима Мунди“.

Столе Велковски од „Анима Мунди“ ги изрази нивните заложби да ги поттикнат сите граѓани да дојдат и да се едуцираат за проблемот со бездомните кучиња во Вардариште, да дојдат и да вдомат свој миленик и на тој начин да учествуваат директно во надминување на овој проблем.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2017 03:18