Доверителите на ски-центарот Кожуф, кој има седиште во Кавадарци, не сакаат тој да оди во ликвидација. Затоа беше одложено судското рочиште за стечај од пред два дена, за да се видат можностите за реорганизација, информираше денеска поранешниот извршен директор Ангел Наков.

Потсети дека Центарот започна да се гради во 2007 година, стечајот е од пред една година, покренат од група од 11 вработени за делумно неисплатени плати во периодот кога центарот беше стопиран со неговата работа. Информираше дека за неколку години биле вложени околу 20 милиони евра.

– Се направи пристапен технички пат, па нов регионален од девет милиони евра, снабдување со електрична енергија, улици во должина од над шест километри, канализација и водовод, првата шестоседна жичара во Југоисточна Европа како огромна инвестиција од шест милиони евра, системи за вештачки снег и многу други работи. За жал сето тоа беше доведено во прашање со одлуката на претходната Влада, на Кожуф да се градат рудници, соопшти Наков.

Тој изрази надеж дека проблемите ќе се надминат и ќе се рестартира работата на ски-центарот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2017 01:12