Штип да изгради споменик на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, побараа граѓаните кои денеска присуствуваа на предавањето на Срѓан Керим на тема „Она што не го знаеме за Киро Глигоров“.

Предавањето се одржа во рамки на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Штип. Петицијата со потписи веќе е доставена до градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски.

Керим истакна дека Глигоров, кој е роден во Штип, заслужува да добие посебно место во македонската историја и за него помладите генерации да учат од учебниците за, како што рече, да знаат што значи една комплетна личност на која целиот живот и бил во служба на афирмација на вредностите на Македонија.

– Киро Глигоров и во Штип и во Скопје мора да има обележја, во двата града, кои ги заслужува, не само како прв претседател на Република Македонија, туку и како историска личност, рече Керим пред присутните во штипската библиотека „Гоце Делчев“.

Тој изнесе настани од животот и работењето на Глигоров, кои не се напишани во ниту една книга или се наоѓаат во некоја архива. Настаните му ги презентирал самиот Глигоров, со кој се дружеле над 40 години, но и неговиот татко, кој е првиот претседател на општина Штип, но и пријател со Глигоров.

Градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски истакна дека новата локална власт наскоро ќе излезе со предлози на кој начин да се одбележува и почитува една историска личност како што е првиот претседател на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2017 02:58