Само околу 44 проценти од децата Роми во Македонија завршуваат основно образование, а една од главните причини за тоа е немањето доволно образован кадар кој ќе им предава на мајчиниот јазик, смета проф. д-р Љатиф Демир, Ром од Македонија, кој работи на Филозофскиот факултет во Загреб на Катедрата за индологија, отсек за ромистика, студии кои првпат се појавуваат во Европа.
Единствениот универзитетски професор Ром од Македонија посочува дека станува збор за голем проблем на кој не му е најдено решение и само се нудат алтернативни решенија во областа на образованието на Ромите.
- Во Македонија се направени првите големи работи за Ромите кои се случувале во светот. Во 1980 година е издадена првата граматика на ромски јазик во светот од авторот Шаип Јусуф и коавторот Круме Кепески. Во Скопје е основан и театарот „Пралипе“ кој постана светски театар на Ромите. И покрај тоа Ромите немаат вистински третман во државата и се уште не постојат студии по ромистика во земјата која е изворот на ромскиот јазик, ромската култура и ромската книжевност, изјави д-р Демир на одбележувањето на 5 ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик во Клубот на пратениците во Скопје.
Тој посочи дека децата Роми од Македонија мора да се образуваат на нивниот мајчин јазик - ромскиот, а таква можност, прецизира, постои и во Уставот на Република Македонија во кој, како што вели, има клаузула која им дозволува на Ромите да се школуваат на својот јазик, но се појавува проблемот со недостиг на ромски кадар.
- Ромскиот кадар не можеме да го „ископаме“ никаде освен во рудниците кои се нарекуваат универзитет. Ако ни една вискообразовна институција во Македонија не сака да отвои студии по ромски јазик како да добиеме таков кадар. Доколку се појават студии по ромски јазик на Педагошкиот или на Филолошкиот факултет за четири до пет години би завршиле студенти кои потоа ќе бидат кадар по ромски јазик, Тоа е најевтиниот начин како да се постигне напредок и да се направи интеграција на ромската популација во Македонија, потенцира Демир.
Алтернативните решенија, посочува, нудат подолгорочен период од околу 30-тина години кои се неопходни за да се вратат децата во училиште заради линкот училиште-дете-родител.
- Тоа е многу потешко да се постигне отколку она што може да се направи во училницата. Бројот на високообразовани Роми во Македонија беше многу помал пред дестина години. Со оглед на фактот што Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта им дава стипендии на учениците Роми кои сакаат да се запишат на универзитетите сега имаме 300 до 500 студенти кои во моментв студираат во земјава, но тоа е многу малку во споредба со бројот на Ромите во Македонија, рече Демир.
Од запишаните студенти Роми, додаде, мал број завршуваат факултет, бидејќи се соочуваат со секојдневните проблеми како што се немањето пари, а оние кои ќе завршат многу тешко добиваат работа. - Тоа не е позитивен пример за останатите за да студираат, нагласува Демир.