Скопје денес е град со многу предизвици. Загадувањето, е секако најголемиот, но има и многу други проблеми со инфраструктурата, сообраќајот, урбанизмот, зеленилото. Многу од овие проблеми се надминливи и решливи, само доколку сите ние сме подготвени да се откажеме од дел од нашите удобства и да инвестираме во нашата заедничка иднина.

Ова денеска го истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

Тој потенцира дека во решавањето на овие проблеми треба да се вклучат централната, градската и општинската власт, бизнисмените и организациите, но и сите граѓани.

Сите ние, како што потенцира, мора да се откажеме од малку за да добиеме повеќе, за да создадеме функционален и просперитетен град, град кој работи за своите граѓани и за сите.

– Скопје е град кој доживеал и преживеал се и сешто, но секогаш успевал да ги преброди незгодите и како феникс да стане од пепелта и да продолжи да живее. Скопје ќе ги преброди и денешните предизвици и ќе продолжи да се развива, оцени Шилегов.

Шилегов изрази восхит и благодарност на борците кои се вклучиле во ослободувањето на Скопје. Нивниот спомен музеј на илегалната партизанска работилница за оружје веќе неколку години е затворен, како што рече, поради негрижа.

– Наскоро овој музеј повторно ќе биде отворен, а јас како градоначалник ќе се погрижам да биде повидлив и попосетен од нашите сограѓани, рече Шилегов.

Овој музеј се наоѓал меѓу хотелот „Стоун бриџ“ и Комерцијална банка во центарот на Скопје.

Според Шилегов, Скопје треба да биде горд и не смее да ја заборави својата антифашистичка историја и лекциите од минатото.

– Ние мораме да се погрижиме фашизмот никогаш повеќе да не завладее во нашиот град, истакна Шилегов.

Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ Трајко Стаматовски потенцира дека ова ослободување македонскиот народ го издвојувало со сопствени сили, со формирањето на повеќе скопски одреди и бригади во текот на војната. Во борбите за ослободувањето на главниот град животот го загубиле 398 борци.

– Оценуваме дека се создава позитивна клима за просперитет на државата. Го поздравуваме истрајниот пат кон афирмација на граѓанското општество, препорачуваме држење до ветеното во изборната програма и изострено чувство кон проблемите на граѓаните. Очекувањата на народот власта да ги исполни ветувањата се големи и таа не смее да си дозволи нивно изневерување, рече Стаматовски.

Градоначалникот на Скопје и делагција на Советот денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта „Бутел“.

Цвеќиња положија и делегации на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна – Скопје, од кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Собранието, Владата, Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, од скопските општини, како и делегации на дипломатскиот кор, граѓани и институции.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2017 00:53