Пласманот и квалитетот на производството, климатските промени, економското јакнење на жените и младите фармери, ќе бидат во фокусот на Федерацијата на фармери која денеска го одбележа јубилејот, 15 години од основањето.
Федерацијата се ребрендира во Национална федерација на фармери (НФФ) и избра нов претседател. Наместо досегашниот Никола Стаменов кој е назначен за почесен претседател на организацијата, доаѓа Васка Мојсовска.
- „Профитабилно земјоделство - стабилно село“ е нашето ново мото. Сметаме дека е редно земјоделците, освен што произведуваат и да заработат, да имаат достоинствен живот. Во овој контекст, развојот на селата е исклучително битен сегмент на кој мора да се работи и за кој е неопходно изготвување стратегија што ќе ја спречи миграцијата и ќе ги врати младите назад, изјави Мојсовска.
Одговорајќи на новинарски прашања, Мојсовска рече дека проблеми во земјоделството секогаш имало и ќе има поради што сите мерки кои се предлагаат треба да бидат добро проанализирани и да се види дали воопшто ќе имаат ефект.
- Ако земјоделците произведуваат квалитетно и ако имаат сигурен пласман, сите горливи прашања полесно ќе се решаваат, подвлече Мојсовска и укажа и на потребата од квалитетно водоснабдување зашто се се поевидентни негативните последици од климатските промени манифестирани преку сушните периоди во текот на годината.