Воведувањето зелена нафта, чиј таргет се земјоделците, очекуваме да го ублажи ударот од зголемувањето на акцизата за горивото како што предвидува Предлог-буџетот за 2018 година, велат од Федерацијата на фармери која од денеска е ребрендирана и преименувана во Национална федерација на фармери (НФФ).
Секој дополнителен трошок и евентуално поскапување, нагласуваат, влијае врз земјоделството.
- Зголемувањето на акцизата ќе има негативни импликации, но сметаме дека со воведување на зелената нафта, нема да има никакви проблеми или барем тие да бидат ублажени, изјави почесниот претседател на Федерацијата Никола Стаменов.
Според новоизбраниот претседател на НФФ, Васка Мојсовска, се уште нема конкретни анализи колкави би биле штетите од зголемувањето на акцизата врз земјоделството, иако влијанија секако ќе има.
Од Министерството за земјоделство го повторија ставот дека законското решение за зелената нафта е изготвено преку измени во Законот за земјоделство и рурален развој и наскоро ќе влезе во владина процедура.