Со новите измени и дополнување на Законот за персонален данок на доход предложен од Владата, приходите остварени од продажба на сопствени земјоделски производи ќе подлежат на оданочување и ќе бидат утврдени како посебна категорија во Законот.

– Со цел да се олесни плаќањето на персоналниот данок на доход за оваа категорија лица, со измените се предлага лицата кои во текот на годината ќе остварат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на правни лица до 1.000.000 денари, да го плаќаат персоналниот данок на доход по одбивка, што подразбира дека исплатувачите (правните лица) при исплатата на приходите на физичките лица, ќе имаат обврска да го пресметаат и платат персоналниот данок на доход. Основата за пресметување на данокот ќе претставува разликата меѓу остварениот вкупен приход и признатите нормирани трошоци во висина од 80 отсто, што подразбира дека ќе се оданочуваат 20 проценти од остварениот приход, соопшти Министерството за финансии.

Лицата кои што ќе остварат приходи повисоки од 1 милион денари, се предлага најдоцна до 15 јануари наредната година да се регистрираат за вршење дејност согласно законот.

Досега, лицата кои што остваруваа приходи до 1.300.000 денари плаќаа персонален данок на доход според паушално утврден приход од страна на УЈП и имаа обврска секоја година да поднесуваат барање за остварување на правото на ваквиот начин на оданочување.

Лицата кои што остваруваа приход од земјоделска активност, како основно занимање до 300.000 денари беа ослободени од оданочување, а лицата со приход над 1.300.000 денари имаа обврска да се регистрираат за вршење дејност согласно закон.

Со предложените измени лицата кои што остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица, надвор од продажни места на зелени пазари, треба да поднесат пресметка за аконтација на данокот до УЈП, до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.

Откако пресметката ќе им биде одобрена од УЈП, тие ќе треба да платат данок на доход утврден во одобрената пресметка, најдоцна до 15-ти во месецот, за претходниот месец.

Лицата, пак, кои ќе остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари, ќе се оданочуваат според паушално утврден нето приход кој со решение ќе го утврдува Управата за јавни приходи. Според Министерството, и досега оваа категорија лица паушално се оданочуваше, додека со предложените законски измени и дополнувања тоа се уредува во посебен член.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2017 07:45