Во Кинотеката на Македонија од 20 часот ќе се одржи финална вечер на Фестивалот за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“, кој го организира продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и Медиа“ од Битола.

Ќе бидат прикажани победничките филмови што пристигнале на повикот за учество на фестивалот за снимање краток филм со мобилен телефон. На повикот, кој беше отворен од јули, пристигнале дваесетина филмови од македонски и околу 500 филмови од автори од светот.

Најдобриот филм што ќе го избере четиричлено жири ќе ја добие наградата „Ратка Илиева-Лале“, која се состои од стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје ЕСРА во износ од 3.000 евра. Ќе бидат доделени и награди за: оригинална идеја, најиновативен филм, приказна и награда за најдобар филм во домашната програма „Млади таленти“.

Ќе бидат прикажани и видеа од работилниците одржани во рамките на „Мобил фестивал“, кои се реализираа во соработка со гимназијата „Никола Карев“ и С.О.С. Детско село.

„Мобил фестивал“, кој годинава се одржува под слоганот „Сите се мобилни“, е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2017 10:12