Советот на Град Скопје денеска на седница ќе расправа за краткорочните мерки за намалување на загадувањето на воздухот на подрачјето на градот.
Мерките се однесуваат на забраната за движење на возила до Средно Водно и за бесплатниот јавен превоз во деновите кога е надминат прагот на загадувачките супстанции во воздухот.
Забраната за возила до Средно Водно, според најавите, треба да се воведе од овој викенд. Се планира воведување на две нови пробни автобуски линии кои ќе сообраќаат како шатл линии, а ќе се користат и постојните, односно линијата со број 25 до Средно Водно и линијата со број 28 до паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“.
Одлуката за забрана за возила до Средно Водно, како што неодамна изјави градоначалникот Петре Шилегов, следува по поплаките на граѓаните на социјалните мрежи.
Бесплатниот јавен превоз ќе се воведува во деновите кога се надминати праговите на алармирање на загадувачките супстанции во амбиентниот воздух на подрачјето на град Скопје. Во овој случај, градоначалникот со решение ќе го утврдува времетраењето на бесплатниот јавен превоз. Средствата за бесплатниот јавен превоз ќе бидат обезбедени од Буџетот на Град Скопје.