Локалната самоуправа на Охрид во соработка со надлежните субјекти денеска започна со активности за извлекување на бротчето „Мис Стон“ од Студенчишкиот канал на Охридското Езеро.

Станува збор за застарено пловило што години наназад стои закотвено во каналот, истото е делумно под вода така што дојде до излевање на помало количество гориво предизивкувајќи загадување на водата во каналот.

Портпаролот на Општина Охрид Тони Џамтоски изјави дека екипи на општинските јавни претпријатија прво ќе ја испумпаат водата од внатрешноста на бродот по што тој целосно ќе биде извлечен на суво и дислоциран.

По однос случајот од надлежниот инспекторaт и Kапетанијата на пристаништата најавуваат дека ќе се бара одговорност.

- Надлежните инспекциски служби изготвија записник на лице место и ќе биде покрената соодветна законска постапка, изјави раководителот на Капетанијата на пристаништата, Горан Устијаноски.

Љутви Калиќи, роднина на сопственикот на бродот кој се наоѓа во странство, изјави дека при неодамнешната реконструкција на кејот долж каналот Студенчишта пловилото било преместувано без знаење и согласност на сопственикот, при што истото е оштетено и поради тоа дошло до несакани последици.

- Петнаесет години бротчето се наоѓа во каналот. Тоа беше закотвено на друга локација. Тие на своја рака го преместувале и го оштетиле. Чија е сега одговорноста и кој ќе ја надомести штетата, изјави тој.

Во Студенчишкиот канал се закотвени повеќе стари и дотраени пловни објекти што, како што покажа конкретниот случај со излевање гориво од „Мис Стон“, претставуваат закана по еко-системот на Охридското Езеро.

Џамтоски согласен дека проблем со старите пловила во каналот постои, оттаму што недостасува соодветен простор на Охридското Езеро за закотвување на пловните објекти.

- Ние во повеќе наврати сме апелирале до сопствениците да ги дислоцираат своите кајчиња и бродови. Локалната самоуправа е на став дека еднаш засекогаш треба да се најде системско решение за прашањето. Верувам дека во натамошниот период ќе се уреди и тоа прашање, а сите пловни објекти што не се регистрирани и не се во пловна состојба ќе бидат отстранети од каналот, појасни тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2017 14:37