Измените на Законот за персонален данок на доход негативно ќе се одразат врз земјоделците, а дел од предвидените решенија посебно ќе удрат по најмалите и најсиромашни производители, смета Националната федерација на фармери (НФФ).
Измените, реагира НФФ, се направени многу брзо, без јавна, транспарентна расправа и без да се информираат и консултираат засегнатите страни, вклучително и земјоделските здруженија.
- Можеше заeднички да се направат измени кои ќе бидат во интерес на сите. Многу се важни соработката, постоењето дијалог и јавната расправа кои за овие законски измени отсуствуваа, наведува Федерацијата во денешното соопштение.
Според НФФ, плаќањето данок од страна на откупувачите во име на земјоделците отвора простор за манипулации при пресметката на откупната цена на земјоделските производи која и сега е помала од производната, како и простор за развој на сивата економија.
- Уште во 2009 година, по интензивни преговори со Министерството за финансии успеавме да го решиме проблемот со одбивањето на персоналниот данок од страна на откупувачите преку откупната цена и на тој начин обезбедивме укинување на манипулациите на откупувачите при пресметка на откупните цени. Со укинувањето на ослободувањето од оданочување за категоријата земјоделци чија продажба не надминува 300.000 денари (всушност овие приходи кои изнесуваат 300.000 денари, не се целосен приход, бидејќи тука влегуваат и трошоците за произвдоство) најголем негативен ефект ќе се почуствува кај најмалите и најсиромашни земјоделци, оценува Федерацијата.
НФФ потсетува и дека со Факултетот за земјоделски науки и храна изработи Мултидимензионална анализа за сиромаштија во која токму оваа категорија влегува во хронично сиромашни стопанства со семеен месечен приход помал од 9.000 денари. Според статистичките показатели на изворот на семејниот приход, укажува НФФ, земјоделските стопанства се втори по сиромаштија и севкупно 77 отсто од вработените во македонското земјоделство имaат статус на неплатени семејни работници.
За Федерацијата не е прифатлив досегашниот начин на одоначување на земјоделските производителите чиј приход е до 1,3 милиони денари, но не се добри ниту предложените измени бидејќи останува нејасно што ќе се случува со земјоделците на кои во тековната година им се исплаќаат средства за две или три заостанати реколти од претходните години и кога ќе има намалување на родот, како годинава, по сушата и мразот. - Ова прашање бара посериозен пристап и отворена дискусија и дебата во која ќе се слушне гласот на земјоделецот, велат од Федерацијата.
НФФ своите ставови ќе ги достави до Владата, министерствата за финансии и за земјоделство, како и до Собранието на РМ кое треба да ги изгласа измените.