Општина Центар врши комплетна ревизија и проверка на неколку објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“, пред се, Мајка Тереза, Градската куќа, заедно со хотелот што се гради, мостот „Око“, а за Андон Ќосето се проверува дали има одобрение за градба, денеска изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Проверката се врши во соработка со МВР, СЈО и Јавното обвинителство.

– Со функционалната ревизија која ја предвидуваме во 2018 година сакаме до милиметар да испитаме што и како е градено, како е продавано дел од земјиштето. Во комисијата се вклучуваат и правници, урбанисти и стручни лица за јавни набавки. Многу брзо ќе дојдеме до некои сознанија, уште до крајот на годината, а некои, што се комплексни, ќе почнат по Нова година, рече Богдановиќ.

Најави отворање процеси со изградените дивоградби и воведување ред во урбанизмот.

Богдановиќ рече дека од понеделник ќе имаат средба во Град Скопје за спорната тераса на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

– Изминатиот период ние се обидуваме да ги собереме сите правни аргументи за да докажеме дека тоа е тврда градба, вон парцела. Се што е вон парцела, а нема одобрение за градба е дивоградба. Институциите кои се над нас, второстепени комисии и Град Скопје, цело време го менуваа законот и процедурата за да докажат дека тоа не е така, рече Богдановиќ.

Според него, сега имаат можност да отворат многу работи. Сите недостатоци, како што рече, кои се дадени, како дозволи за настрешници да ги отстраниме, а потоа работата да ја преземеме ние со градежните инспектори, да донесеме решение и да го спроведеме до крај законот. Богдановиќ истакна дека досега нема покренато кривична пријава за овој случај.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2017 12:57