Во 33 угостителски објекти во Скопје, Тетово, Гевгелија и Кавадарци за време на викендот извршени се контроли од страна на полицијата, Управата за јавни приходи и Пазарниот и Трудовиот инспекторат.
МВР денеска соопшти дека на два угостителски објекта во Тетово им се издадени решенија за привремена забрана за вршење дејност во траење од 30 дена, како и прекршочни платни налози за глоби во износ од 500 евра. На трет објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од седум дена.
Во акцијата приведени се 16 лица, од кои тројца македонски државјани заради пронајден нож, како и утврдување на идентитет и 13 албански државјанки за злоупотреба на туристички престој во Македонија и нерегуларно вработување.
Во Скопје извршена е контрола во 15 објекти при што се издадени две решенија за забрана за вршење на угостителска дејност во траење од 30 дена и едно решение за забрана за вршење на угостителска дејност во траење од 10 дена. Изречени се три глоби по Законот за заштита од пушење, а на девет од контролираните објекти им е наложено да ја достават потребна документација до инспекциските служби. Приведени се две лица од кои едното за неоволастено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, а другото лице кое биле малолетно за консумирање алкохол.
Во Гевгелија, на еден угостителски објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 15 дена, а на друг угостителски објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 30 дена.
При извршените контроли на подрачјето на СВР Велес, односно во Кавадарци, на еден угостителски објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 15 дена, а на три угостителски објекти им се издадени решенија за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 30 дена.
МВР соопшти дека минатиов викенд е спроведена зајакната контрола на возилата при што алкотестирани се вкупно 136 возачи, а кај 21 возач е утврдено присуство на алкохол над дозволеното.
Од МВР најавуваат дека во соработка со другите институции ќе продолжат ваквите контроли и во наредниот период.