Две непознати лица во обид да извршат разбојништво во менувачница во Кисела Вода попладнево биле убиени од сопственикот на менувачницата, 58-годишниот Г.А. од Скопје, потврди Министерството за внатрешни работи.
Разбојништвото и двојното убиство се случило околу 16.30 часот на бул. „Борис Трајковски“ во Скопје. Пукањето од огнено оружје било во менувачницата каде што бил нејзиниот сопственик.
Од МВР соопштија дека двајцата напаѓачи засега се непознати лица и се работи на нивната идентификација.
- Тие влегле во посоченото време во менувачницата во која што се наоѓал сопственикот Г.А. (58). Во обид да извршат разбојништво и вооружени со огнено оружје, настанала прво физичка пресметка со сопственикот на менувачницата, по што Г.А. посегнал по пиштол и пукал во правец на напаѓачите кои починале на местото на настанот, информира МВР.
Инцидентот бил пријавен во 16.35 часот во Единицата за известување и команда. Полициски екипи од СВР Скопје веднаш по дојавата излегле на местото на настанот каде што во присуство и надлежност на дежурен јавен обвинител е започнат увид.
Од МВР соопштија дека СВР Скопје во соработка и координација со дежурен јавен обвинител работи на расчистување на случајот и по неговото целосно документирање јавноста ќе биде информирана.