Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска е избран за претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а за негови заменици се избрани градоначалниците на Чаир Висар Ганиу и на Кавадарци и Митко Јанчев во негово отсуство.

На денешната конститутивна седница на Генералното собрание беа избрани и сите тела на ЗЕЛС. На седницата не присуствуваа градоначалниците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Шилегов по изборот во изјава за новинарите истакна дека оваа функција ја доживува како една одговорност повеќе, а приоритет ќе биде продолжување на процесот на децентарлизацијата, што е вели и заложба на Владата, како и подобрување на финансирањето на општините со цел тие да добијат што поголема економска и финансиска самостојност.

– Тоа би значело дека процентот на средствата коишто се трансферираат од ДДВ кој во овој момент изнесува 4,5 проценти и персоналниот данок на доход кој изнесува 3 проценти во полза на општините би требало да се зголемуваат, како и д се среди делот од финансирањето на општините од блок-дотациите коишто централната власт ги префрла за потребите на општините на нивните сметки. Сето ова ќе овозможи поголема самостојност на општините во рамките на нивното финансиско функционирање со цел услугите кои единиците на локалната самоуправа и општините ги даваат на граѓаните да бидат на повисоко ниво што е всушност заложба на сите нас во текот на изборните кампањи, рече Шилегов.

Тој најави дека како претседател на ЗЕЛС своите активности ќе ги насочи и кон лобирања како дома во Македонија, така и пред странските партнери со цел да ја подобрат работата на Заедницата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека политиката на дискриминација кон единиците на локалната самоуправа веќе престанува.

– Суштината на демократијата е враќање на власта кон граѓаните, а тоа се реализира преку единиците на локалната самоуправа. Концептот на централизирање на власта што беше карактеристика на изминатиот период политички и со политичка волја веќе е надминат и сега останува постепено да влеземе во негова имплементација. Наше инсистирање ќе биде единиците на локалната самоуправа кои ги исполнуваат условите да ги преземат тие ингеренции што е можно побрзо, рече Шилегов.

И Висар Ганиу, градоначалникот на Чаир и потпретседател на ЗЕЛС, потврди дека концептот на заедницата ќе биде рамномерно за сите општини да имаат ист третман и сите одлуки што ќе се донесуваат подеднакво да важат за сите општини.

Порано денеска, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да учествува на конститутивната седница на ЗЕЛС, поради како што наведоа, недемократско однесување на власта и селективниот пристап при примената на правдата во Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2017 17:11