Во Скопје викендов ќе се одржи еден од најзначајните книжевни настани во регионот – жирирање и свечено доделување на меѓународната книжевна награда Балканика за најдобра книга за 2015 и 2016 година.
Како што соопшти издавачката куќа „Магор“, кој што е организатор на националниот избор за претставник на Балканика, веќе пристигаат номинираните автори, книжевни критичари и издавачи од сите седум земји-членки на Фондацијата Балканика.
Меѓународното жири, составено од седум реномирани книжевни критичари од секоја држава, на чело со претседателот на жири комисијата, професорот Ендрју Вахтел од САД, треба да одберат по една најдобра книга за 2015 и 2016 година, од исклучително квалитетните номинирани книги годинава.
Свеченото доделување на наградите ќе се одржи во кино Фросина, МКЦ, во недела со почеток од 18 часот.
Фондацијата Балканика е основана 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Република Бугарија, а претседател е Николај Стојанов. Во Балканика членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на Фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки.
Наградата Балканика на добитникот му носи голем публицитет и вон балканските држави. Неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа.