Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, смета дека вчерашниот чин на актерите во МНТ кои не ја одиграа претставата „Ничија земја“, во знак на солидарност со актерот Владо Јовановски, е само уште еден доказ дека Македонија не е ослободена од долгогодишната партизација во културата.

- Сметам дека секоја слична намера во иднина нема да биде добра ниту по развојот на културата ниту, пак, во однос на демократизацијата на културните институции. Со кого и со што точно се солидаризираа актерите вчера?- рече Алаѓозовски на прес-конференција во МНТ.

В.д. директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац пак го повтори својот став објавен на фејсбук профилот дека актерите ќе бидат санкционирани согласно со правилникот за работа.

- И покрај консултациите со мене и нивната намера да ја откажат претставата за што инсистирав дека не смее да се случи, ансамблот не ме послуша и ја откажа претставата што е недозволиво бидејќи претставите се играат за публиката. Нивниот револт или солидарност можеа да го изразат после претставата или денеска или кога било, но не смееше тоа да се случи на нивното работно место - рече Спасов.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2017 00:09