Македонија е меѓу земјите со најголем ризик од недостиг на вода во земјоделството до 2020, 2030 и 2040 година, покажува најновиот извештај на ФАО за Европа и Централна Азија (ЕЦА).

Во групата држави со екстремно високи проекции за загуби на вода, преку 80 отсто, покрај Македонија, се и Казахстан, Киргистан, Ермениа, Туркменистан и Азербејџан.

Србија, Хрватска, БиХ и Словенија се во земјите со намјал ризик, под десет отсто, заедно со Финска, Данска, Норвешка,…, а Албанија е во категоријата „средно до високо“ загрозени, со можни загуби 20 – 40 проценти, каде се и Белгија, Луксембург, Британија,…

Според анализата на ФАО, Македонија е меѓу земјите во ЈИЕ склони кон суши. Најранливо е Повардарието, особено регионите на Црна, Брегалница и Вардар. Седум проценти од вкупната популација живее на деградирано земјиште. Во периодот 1997 – 2017 година се случиле 23 елементарни непогоди кои зафатиле 1.281.548 лица, а штетите од економски аспект достигнале 409 милиони долари.

Од 2,5 милиони хектари колку што е вкупната територија на Македонија, 50,1 процент се земјоделско земјиште од кое 32,8 отсто се обработливи површини. Под трајни, постојани култури, се три проценти од земјоделското земјиште, а на ливади и пасишта отпаѓаат 64,2 отсто.

ФАО во препораката за целиот ЕЦА регион сугерира одржливи интензивни практики не само за поголема продуктивност и приходи, туку и за заштита на природните ресурси од кои зависи производството. Притоа, мора да се води сметка за т.н. екосистем пристап. Како што стои во извештајот, нужна е усогласеност на национална политика и законодавството, како и секторско планирање (животна средина, земјоделство, безбедност на храна, управување со природни ресурси, рурален развој). Сето ова, пак, треба, наведува ФАО, да се интегрира во заедничка рамка за одржлив развој.

Според ФАО, намалувањето на загубите на храна и отпадот може многу да придонесе за задоволување на потребите на храна во иднина и за зачувување на ограничените природни ресурси.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2017 03:47