Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ денеска го одбележа патронатот со повеќе активности. На настанот беа доделени традиционалните награди за вработените во библиотеката, делегации од Владата положија цвеќе пред споменикот на св. Климент во дворот на НУБ, а пригодно се обратија и министерот за култура Роберт Алаѓозовски и в.д. директорката на НУБ Сенка Наумовска.
Министерот истакна дека богатата библиотекарска традиција на нашите простори, чии корени досегаат до делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, е темелот врз кој НУБ се гради и ја развива својата дејност.
– Од библиотечниот фонд кој во 1944 година изнесувал околу 150.000 библиотечни единици, НУБ постојано се развиваше и ги надградуваше своите капацитети. Библиотеката денес е водечки извор на материјали во истражувачката дејност, депозитна библиотка и една од предводниците во дигитализацијата на книжното богатство на земјава, со фонд на изданија што содржи над три милиони единици, рече Алаѓозовски, додавајќи дека НУБ е столбот на македонскиот идентитет и е продолжување на мисијата на свети Климент.