Куче скитник вчера попладне нападна и касна мајка и син на улицата „Перо Наков“ во Скопје. Таткото, Р.А. (43), го пријавил случајот во полиција.

Како што информира МВР, Р.А. пријавил дека вчера околу 14:30 часот на улицата „Перо Наков“ неговата сопруга З.Р.(36) и нивниот шестгодишен син биле нападнати од страна на куче скитник. Детето било каснато во пределот на левата рака и му биле нанесени видливи повреди, а З.Р. се здобила со повреди на левата нога.

Од страна на лекар од итната медицинска помош им била укажана лекарска помош, а потоа биле препратени на Инфективна клиника во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Според изјавите на оштетенините и сведоците, станувало збор за куче скитник. Од страна на Полициската станица Гази Баба била известена шинтерската служба на Град Скопје, која го фатила кучето и го однела во Центарот за заштита на кучиња-скитници „Вардариште“.

Куче скитник вчера во неколку наврати нападна и касна две жени и четири деца во Аеродром.

Шест случаи беа пријавени во Полициската станица Аеродром, а на Инфективната клиника помош побарале девет лица. Шинтерската служба вчера го лоцираше и го фати кучето.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2017 00:49