Кривични пријави за повеќе лица поврзани со издавањето концесии за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, најави Ангел Наков од Здружението на граѓани „Спас за нас“ од Гевгелија.

– Во врска со издавањето на овие концесии ние за два до три дена до јавното обвинителство на РМ ќе покренеме кривична постапка бидејќи имаме основано соменение за сторено кривично дело и тоа во низа од страна на огромен број државни функционери од претходната власт, службеници, порачатели и изготвувачи на студии, рече Наков.

Според него, најзагрижувачки податок е тоа што сите концесии за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини, најчесто бакар, злато и сребро издадени во РМ, од кои четири веќе се за експлоатација, без исклучок се врз главните извори за вода за пиење и вода за потребите на земјоделието.

Спорен е, рече, и донесениот закон за минерални суровини со кој не се предвидува тенер за ваквиот тип концесии.

– За да ја прекопате државта не ви треба тендер, туку само барање за издавање концесија, рече Наков на денешната прес-конференција на Коалицијата за чист воздух, на која беше побарано зголемување на средствата за заштита на животната средина.

Според него, издавањето на овие концесии не е ниту во согласност со Просторниот план на РМ, што, како што рече, е највисок акт кој го утврдува просторното и урбанистичко планирање односно економскиот развој на земјата. Тој, рече Наков, го носи Парламентот и се донесува на секои 15 години. Оној кој е на сила во моментов, рече, истекува во 2020 година.

– Во него на недвосмислен начин регионите каде што сега се издаваат над 80 концесии, се предвидени за развој на земјоделие, туризам и лесна индустрија, а не за рудници, рече Наков, додавајќи дека ако ова не се спречи, сите ќе станат соучесници.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2017 00:47