Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов формирал работна група од пет члена „за изнаоѓање на системско решение“ за спречување на напади на граѓани од кучиња.
Работната група е составена од еден советник во Советот на Град Скопје, еден вработен во Секторот за комунални работи и по еден претставник од здружението за заштита на животни „Анима мунди“, граѓанската иницијатива „Кане Корзо“ и од Асоцијацијата на активности за правата на животните.
– Единствениот начин системски да се реши овој проблем е преку обезбедување на контрола на бројот на уличните кучиња по пат на хумано и одговорно времено стационирање и третирање на животните. Истовремено бараме и системско решение за целосно регулирање на одговорностите на сопствениците на домашни миленици за спречување на ваквите инциденти. Работиме на чипирање на сите кучиња во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова е процес кој одзема релативно долг временски период и заради тоа апелирам за разбирање од страна на граѓаните- изјави Шилегов.
Градоначалникот ги повика несовесните граѓани кои фрлиле отров итно да престанат бидејќи, како што рече, со тоа прават повеќе кривични дела поврзани со насилство врз животните и предизвикување општа опасност.
– Но, мора да прифатиме дека инциденти имало и ќе има. Животните не ни се непријатели. Треба да се гарантира нивната благосостојба, но истовремено и безбедноста на граѓаните и нивната заштита од вакви или слични напади ни е приоритет. Фокусирани сме на овој проблем и се надеваме дека во најкраток можен рок ќе имаме финално решение на проблемот – рече Шилегов.
Шилегов информираше дека препораките од извештајот на работната група заедно со препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе влезат во буџетот на Градот за 2018 година.