Спортско риболовниот клуб „Мамец“ од Прилеп денеска изврши порибување на вештачкото езеро, согласно договорот преземен од концесијата, со 100 килограми подмладок на крап и 100 килограми матица. Со тоа се збогати рибниот фонд на вештачкото езеро, што поради лошата хидролошка состојба оваа година доживеа вистинска еколошка катастрофа.

„Оваа година се случи вистинска катастрофа со водостојот на езерото,коешто далеку под нивото на предвидениот минимум. Не можам да кажам колкав е неговиот рибен фонд во моментов, претпоставуваме дека се движи околу 24 или 25 тони на риба.

Согласно концесијата ние како риболовен клуб сме обврзани секоја година да извршиме порибување и тоа го правиме 6 години по ред. Како концесионери имаме потпишано договор со агенцијата за обезбедување „МК“, оттаму доаѓаат овде на наш повик.

Тие имаат обврска и да го проверуваат целото езеро, да бараат дозволи и да го штитат од рибокрадство. Годинава немавме такви случаи“, истакна Ѕвонко Николоски, претседател на спортско риболовниот клуб „Мамец“.

Освен вештачкото езеро, клубот „Мамец“ под концесија ја држи и Црна Река од населеното место Бучин до железничкиот мост кај Тополчани.

Инаку спортско риболовниот клуб „Мамец“ може да се пофали како еден од најтрофејните клубови во градот, бидејќи учествува во првата македонска риболовна лига. По 5 години актуелни шампиони оваа година биле вицепрваци на Македонија.

Од членовите двајца биле репрезентативци. Тие годинава учествувале во составот на македонската репрезентација на светското првенство во Белгија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2017 01:07