Предновогодишна „чистка“ во Јавното сообраќајно претпријатие. Околу 250 лица, според нашите информации, вработени преку Агенција или со директен договор со ЈСП ќе останат без работа.

Извори на Курир од Јавното сообраќајно претпријатие велат дека околу 50-ти лица кои биле вработени преку Агенција за привремени вработување веќе ги добиле своите известувања дека договорите нема да им бидат продолжени. На најголемиот дел од нив договорите им завршуваат на 31 декември годинава.

Вработен во ЈСП Скопје, кој сакаше да остане анонимен, за Курир потврди дека му е врачено известување дека договорот нема да му биде продолжен. Тој додава дека известувања добиле и други негови колеги.

Во вториот бран на отпуштања, како што дознаваме, се очекува да бидат уште 200 лица кои имаат директен договор со ЈСП Скопје, најголем дел од нив со над две години работење во претпријатието.

Пет лица кои имаат директни договори за вработување со ЈСП за Курир потврдуваат дека нивните имиња заедно со многу други се слушаат во кругот на претпријатието како лица кои ќе се најдат во вториот бран на отпуштања кои се подготвуваат во ЈСП. Во меѓувреме голем дел од нив се преместени од своите работни простории и се соочуваат со нечовечки однос.

Покрај отпуштањата кои се подготвуваат во ЈСП, претпријатието предвремено раскинува на договори за соработка со надворешни компании. Нашите извори велат дека се бараат причини за предвремено раскинување на договор за набавка на нафта со компанијата АЛОВ, со цел влегување на Макпетрол на широка врата.

Извор: Курир.мк



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2017 01:03