Под мотото „Живот без пречки, тоалет за секого“, вечерва од 18 до 21 часот во ресторанот „Александрија“ во скопската населба Влае ќе се одржи хуманитарен настан чија цел е да ги поттикне институциите и угостителските објекти да обезбедат тоалети погодни за користење од лицата со попреченост.
„Лицата во инвалидска количка не може да се социјализираат и да излегуваат во угостителски објекти, а немаат ни оспособени тоалети по голем број институции, како и концертни сали и места на одржување на концерти и фестивали. Се случува лице во количка, да седне на кафе или пијалок во центарот на Скопје, а во тоалет мора да оди до поголемите трговски центри, затоа што само таму има пристапност за инвалиди. Затоа и се прави оваа иницијатива- да се покрене свеста и кај надлежните, општините и власта“, велат организаторите.
Ресторанот „Александрија“, велат организаторите, е прв хорека објект во Македонија, односно е приспособен за лицата со попреченост – има внимателно поставена рампа за влез, универзална архитектура и поставеност на влезна врата, како и специјално оспособен тоалет. За слепите лица пак, ќе бидат изработени и менија на Браево писмо.