Граѓаните од денеска на бесплатната телефонска линија 193 деноноќно може да пријавуваат огнови кои што горат на отворено и придонесуваат за загадување на воздухот.
Оваа е мерката која што градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вчера најави дека ќе ја презентира денеска како дел од краткорочните мерки за справување со загадувањето.
– Палењето огнови на отворено е законски забрането. Најчесто, тоа е последица на несовесноста на одредени граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување. Одговорно пристапуваме на ваквиот проблем. Подаваме рака на сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да ја подобриме животната средина и амбиентниот воздух. Но, и да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ ќе организира мешани тимови кои ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено.
– Ги повикуваме граѓаните активно да се вклучат во борбата и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во новоотворениот повикувачки центар, на телефонскиот број 193. Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати, а нашите сограѓани кои ги палат огновите заради затоплување ќе бидат сместени во еден од згрижувачките центри во Скопје – истакна градоначалникот Шилегов.
Како дел од оваа активност за граѓаните се изработени и флаери, како и видео-спот кој што бесплатно ќе се емитува на Македонската телевизија.