Во недела, на 24 декември, во Скопје ќе се одржи традиционалната Дедомразовска трка, во која повеќе стотици учесници во дедомразовски костуми ќе трчаат во центарот на главниот град.

Трката покрај натпреварувачки, има и забавен карактер, па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само 2 километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб-страницата www.prvdovrv.mk.

Стартот и финишот на трката се во Паркот Жена-борец, а ќе се трча кон мостот кај МНР, покрај Вардар до Камениот мост и преку Плоштадот Македонија до целта.

Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 300 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.

За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.

Трката ја организира здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка на „Кока-Кола“ и градот Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2017 01:34