Општина Штип оваа година орденот „Свети Никола“ ќе го додели постхумно на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, соопшти на прес-конференција градоначалникот Благој Бочварски.
„Носители на признанието 19 Декември за 2017 година се: Наташа Петровиќ, Сања Арсовска, Бобан Николов и Трајан Ангелов. Станува збор за наши сограѓани со особени и вонредни достигнувања во нивните професионални области. Ние штипјани мораме да научиме да ги цениме вистинските вредности и да ги испочитуваме вистинските македонски херои и патриоти. Затоа,чест ми е да обзнанам пред јавноста, дека оваа година одличјето Орден Свети Никола постхумно му го доделуваме на првиот претседател на Република Македонија, нашиот сограѓанин, Киро Глигоров.
Како негови сограѓани, имаме должност да ги зачуваме од заборав неговите големи достигнувања, да покажеме доблест и капацитет да му го обезбедиме вистинското место во историјата на нашата земја.
Претседателот Киро Глигоров е историска фигура со огромни заслуги, за коишто, што и да направиме, ќе биде малку за да му се оддолжиме и заблагодариме. Но, мораме активно да работиме на одржување на споменот на патриотизмот, храброста, мудроста и решителноста на човекот со највпечатливата биографија во современата македонска историја. Таа должност ја имаат сите граѓани на Република Македонија, но особено ние, штипјани“, рече градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.