Шест провокативно облечени вечерва од 17 часот од излози на булеварот Св. Климент Охридски на скопјани им нудат сексуални услуги. Секоја има свој излог и поинаков настап по примерот на сексуалните работнички од борделите на Улицата на црвените фенери во Амстердам. Излогот е дел од годинашното одбележување на Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работнички. Случајни минувачи, дофрлуваат и свиркаат но не се осмелуваат да им се приближат. Сообраќајот на булеварот е затворен и има присуство на полиција.
Публиката има можност да разговара со девојките, но преку стакло. Тие ќе поставуваат прашања од типот ‘дали вакво нешто му треба на Скопје ‘ и слично, а публиката ќе одговара со гестикулации“, најави Борче Божиновски, претседател на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“.
Девојките ќе бидат во излозите на објектот до клубот „Вулкан“ од 17 до 22 часот, со пауза од 19 до 20 часот. Божиновски вели дека целта на овој перформанс е отсликување на шармот на Улицата на црвените фенери со бордели во Амстердам, со цел на јавноста да ѝ се покаже дека во Македонија има сексуални работници, но тие се скриени, стигматизирани од околината и трпат насилство што не може да го пријават.
Божиновски вели дека бројката од 3.000 до 5.000 сексуални работници во Македонија што кружи во медиумите не е точна. Тој тврди дека таа е многу поголема.
И годинава сексуалните работнички за своите права ќе се борат преку традиционалната парада на црвените чадори, која е закажана в недела на улицата Македонија. Мото на парадата е „Стоп на насилството врз сексуалните работници!“
Излозите со девојки и парадата се во организација на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“ во соработка со коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.