Министерството за култура на Република Македонија ја известува јавноста дека поради неспроведување на процедурата од страна на Комисијата за избори и именувања и Собранието на Република Македонија за избор на Одборот за доделување на Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за 2017 година, којшто требаше да го распише Конкурсот и да ги спроведе постапките за избор на наградените, годинава оваа државна награда не може да се додели.

Имено, Министерството за култура како носител на стручните и административните работи, а заради навремено реализирање на постапката за доделување на наградата (рокот за распишување на конкурсот – октомври, поднесување иницијативи и формирање на стручни комисии и тела), преку Одделението за државни награди покрена иницијатива за именување на нов состав на Одборот за доделување на државната награда “Мито Хаџи Василев – Јасмин” со бр.16-7708/1 од 21.8.2017 година.

Со оглед на фактот дека во почетокот на август беа распишани Локалните избори 2017, а според укажувањата на Државната комисијата за спречување на корупцијата, Собранието на Република Македонија ги прекина парламентарните седници и комисиските расправи се до завршување на изборниот период,. Со тоа се пробиени законските рокови и за конкурсот, што според Законот треба да трае од 1 до 31 октомври, како и за донесување Одлука од страна на Одборот. Поради овие причини, наградата “Мито Хаџи Василев – Јасмин” во 2017 година нема да биде доделена.

Мандатот на претходниот Одбор за доделување на оваа државна награда заврши на 9 јуни 2017 година. Претходниот состав на Собранието на Република Македонија, на 9 јуни 2015 година донесе Одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда “Мито Хаџи Василев – Јасмин” под број 08-2491/1, со времетраење на мандатот од две (2) години, врз основа на член 12, ставoви 2, 3 и 4 од Законот за државните награди и Законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди („Службен весник на РМ“ бр.52/06, 54/07 и 74/12).

Министерството за култура очекува во најскоро време Собранието на РМ да го спроведе изборот на членови на Одборот за доделување на оваа државна награда, со што нејзиното доделување за наредната година нема да биде доведено во прашање.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2017 21:02