Охридскиот градоначалник Јован Стојаноски денеска го означи стартот на проектот „Од 20-ти до 20-ти – сите во Охрид“ што ќе трае до 20 јануари и во кој е предвидена едномесечна секојдневна програма на повеќе сцени во градот.

Ќе има концерти, забави за најмладите, театарски претстави, трки на келнери и дедо мразовци, ден на графитите, фото изложби, промоции на книги.

Стојаноски истакна дека основната интенција на оваа акција е да се опфати еден од најатрактивните периоди во текот на годината, надвор од главната туристичка сезона во Охрид.

– Покрај новогодишните празници, тука се и Божик, Стара нова година и секако Водици, кои се од исклучително значење за заедницата. Планирано е покрај стандардните традиции во градот во овој дел од годината, да се воведат и нови содржини како „Игри без граници“ во Центарот на градот, театарски дел и изложби на отворено, „Од срце за Охрид“ – посебна акција за најмладите, рече Стојаноски.

Како една од најатрактивните содржини ја посочи „Чоколадниот новогодишен свет“, посебна манифестација во склоп на главната, лоцирана на делот од „Бистро Корнер“ на влезот во чаршијата до фонтаната кај Чинарот. Овој дел ќе биде посебно украсен со чадори и тезги на кои ќе се продаваат слатки производи во центарот на улицата, а предвидена е и посебна забавна програма за најмладите со одбрана музика, диџеј и анимација за најмладите.

За следната година најави поголема манифестација и спектакуларен пречек на нова година.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2017 22:37