Градоначалникот Петре Шилегов денеска го најави воведувањето нов софтвер кој ќе овозможи даночните обврзници да добиваат навремени информации за статусот на нивниот предмет поднесен во Град Скопје или даночната обврска, по пат на СМС или е-маил. Оваа нова услуга за граѓаните ќе стартува во почетокот на 2018 година.
– Откако го продолживме работното време до 19:30 на шалтерите во бараката со број 16, воведуваме уште една новина, со која услугите би биле поедноставни и подостапни за секој наш сограѓанин. Во почетокот на 2018 година ќе биде пуштен во употреба софтвер со кој ќе ги поштедиме граѓаните од стресот и изгубеното време на шалтерите на кои ги подмируваат своите даночни обврски. Со овој софтвер овозможуваме по пат на СМС или е-маил, даночните обврзници да добиваат навремени информации поврзани со статусот на нивниот предмет или даночна обврска. По прием на предметот, граѓанинот ќе добие потврда по СМС дека предметот е примен, а понатаму, до крајот на постапката, ќе добива нова порака со соодветна информација за секоја промена на статусот на предметот – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој објасни дека воедно ќе се активира и делот за проверка на имот или финансиска состојба поврзана со данокот на имот или со фирмарината, на официјалниот Интернет портал на Град Скопје.
– Со ова им овозможуваме на граѓаните доколку имаат проблем поврзан со нивниот имот, да можат да го пријават по електронски пат. Насоката во која се движиме е администрација што ќе има слух за брза реакција за решавање итни проблеми, но и олеснет начин за решавање на едноставни, задолжителни прашања кои досега непотребно им одземале време на нашите сограѓани. Скопје е град за сите. Затоа активно работиме на модел кој продуцира квалитетни услуги за граѓаните – нагласи Шилегов.
Новиот софтвер ќе овозможи сите даночни обврзници што се евидентирани во базата на податоци во градот Скопје да пристапат на градскиот Интернет портал и да можат кон својот ЕМБГ или ЕДБ да додадат активен број на мобилен телефон или е-маил адреса на кои во иднина би добивале пораки во врска со своите обврски поврзани со даночните одделенија во Град Скопје.