Во пресрет на претстојните новогодишни и божиќни празници, Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните да не употребуваат петарди и други пиротехнички средства, како и огнено оружје при прославувањето на празниците, не само заради предвидените законски санкции, туку и заради опасностите што по безбедноста, здравјето и животот на ги носи нивната употреба.
МВР ја информира јавноста дека препродавањето и употребата на пиротехничките средства, како и употребата на огненото оружје нема да биде толерирано и најстрого ќе биде казнето.
Од Министерството потенцираат дека во тек се превентивни и други активности за информирање на граѓаните за последиците што можат да произлезат од таквиот начин на прославување на празниците.
Потсетуваат дека согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир на лице кои неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му биде изречена глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.
Согласно кривичниот законик, тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години.
– Ако предмет на делото е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години. Ако делото е сторено во група, банда или друго злосторничко здружение, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години, информираат од МВР.