Ќе се забрани паркирањето на поранешна „Водњанска“ со цел да се растовари сообраќајниот метеж пред Клиничкиот центар, ова го најави новиот министер за здравство, Венко Филипче.
Во соработка со МВР, ќе има постојано присуство на сообраќајна полиција која на возачите нема да им дозволува да ги остават своите возила на булеварот „Мајка Тереза“. Оваа новина ќе следува најверојатно од идната недела.
„Вчера разговаравме со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во соработка со МВР ќе се решава сообраќајниот хаос, ќе се забрани паркирањето пред Клинички со цел да се растовари и ослободи брзиот пристап до клиниките. Едно од можните решенија за решавање на хаосот со паркирањето во Клиничкиот центар е изградба на катна гаража или закуп на места во околните катни гаражи за вработените во Клиничкиот центар. На тој начин ќе се намали метежот со паркираните возила“, рече Филипче.
За изградбата на нов клинички центар, како и за локацијата, новиот министер вели дека сè уште се разговара и нема конкретно решение.