Едно лице загина, а друго е тешко повредено во сообраќајна несреќа што ноќеска, околу еден часот по полноќ се случила на булеварот Србија во Скопје, а во која учествувале повеќе возила.

Како што информираат од МВР, несреќата се случила кога автомобил, марка „ауди а4“, управувано од 28-годишниот Ѓ.Д. се судрил со возило „пежо 206“, а потоа преку тревникот преминало на коловозните ленти од спротивата насока, по што удрило во оградата на бензинска пумпа, а потоа во такси-возило. По незгодата, аудито се запалило и целосно е опожарено.

Во незгодата загинал возачот на такси-возилото, 58-годишниот Т.Ј. Тешка телесна повреда – фрактура на колено, била констатирана кај сопатникот во „аудито“, 21-годишниот Б.М. од селото Сопиште.

Увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Скопје. По наредба на јавниот обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.

Поради несреќата, сообраќајот на булеварот Србија, на делот од крстосницата со булевар Јане Сандански до крстосницата со булевар Трета Македонска Бригада, бил во прекин во двате насоки од 1.30 часот до 5.30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2017 11:31