Домот на новинарот Томислав Кежаровски е ограбен за време на новогодишната ноќ. Непознати сторители одзеле два лап-топ компјутери, два рачни часовника, нараквица и мобилен телефон.
Како што соопшти МВР, денеска во 04,00 часот утринава Т.К. од Скопје пријавил во Полициската станица од општа надлежност Аеродром дека во текот на ноќта непознат сторител преку балконска врата влегол во неговата куќа на улица „Жорж Бизе“, при што направил претурање по собите и притоа одзел два лаптоп компјутери, два рачни часовника, една нараквица и еден мобилен телефон.
Како што информира МВР, увидна екипа извршила увид на лице место и се работи на расчистување на случајот.
За грабежот, на својот Фејсбук профил објави и сопругата на Томислав, Марина Кежаровска, која напиша дека „двата лаптопа на Томче се земени, мобилен со германскиот број е земен, а другите постарите не се земени. Таблет не, компјутерот на ќерка ми не, погодете сами што барале. Во собата на ќерка ми само претурале, одземени се два часовници и две ланчиња. Од мене земен е часовник и алка. Грабеж ама и не треба да личи многу на грабеж, нели?“.