Дебармаалци не отстапуваат од традицијата која се пренесува со генерации. Со топла ракија и мезе во култната кафеана Идадија, ја започнуваат секоја година, барем така е во последните девет децении. Со музика и песна другарите од детство, токму во ова старо скопско маало, забораваат на лошото во старата, и почнуваат со нова надеж во новата година.

Како часовникот се наближува до пладне така расте и еуфоријата кај овие луѓе. Во 12 часот според обичаите се крши погачата, а стариот кум го предава кумството на новиот, кој ќе ја организира прославата идната година. Веднаш потоа сите се на улица и го играат традиционалното оро со песната „Ој Вардаре Македонски”.

Пред да ја предаде должноста, стариот кум ни раскажа дека имал среќна и бериќетна година, и таква посакува да му биде и на организаторот догодина. Откако си наздравија со греана ракија и вино, се замезија, ја скршија погачата и го добија новиот кум. Точно напладне се развеа и орото со песната Вардаре Македонски , а стариот кум Драган Трпковски ДАЦ го предаде барјакот на новиот Нестор Алексиевски

Новиот кум, пак, среќен поради привилегијата, најнапред на сите им ја честита новата година. Во Скопје се раѓа уште една првојануарска традиција – новогодишната рута низ градот на моторџиите.

Ниските температури не ги спречија скопјани со спортски дух, или преполнет стомак од прославите, да тргнат на рекреација во парк или на кејот покрај Вардар, но претходно и тие наминаа на боемската улица да ги поздравата своите пријатели.

Оние со подолго паметење кажуваат дека 1 јануари во Идадија се слави од 1928 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2018 21:09