Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека ќе го поддржи денешниот протестен собир „Протест за чист воздух“, најавен на социјалните мрежи. Собирот ќе се одржи попладнево пред Град Скопје.

- Ќе излезам бидејќи јас ја делам истата загриженост како и секој жител на Скопје. Јас го дишам истиот воздух како што го дишат и тие луѓе. Ќе бидам со нив и ќе ги повикам кај мене во канцеларија, да разговараме за проблемите. Секогаш може да се дојде до добра идеја од било кој наш сограѓанин. Градот работи посветено и веќе презедовме сериозен сет на итни интервентни мерки. Повеќе од 140 милиони денари токму годинава се посветени токму за заштита на животната средина, што досега не било предвидено, рече Шилегов.

Најави дека на пролет ќе почнат со интензивно раззеленување на Скопје. Според него, потребно е сите заеднички, МВР во делот на сообраќајот, МЖСПП во делот на инспекција на капацитетите кои се во градот, а се под нивна ингеренција, како Макстил, Усје, да го засилат инспекцискиот надзор со цел, како што рече, да добиеме навистина здрав амбиентален воздух во догледно време.

- Секогаш ќе бидам на фронтот независно тоа колку го чини мојот политички рејтинг во борбата против загадениот воздух. Јас нема да бидам градоначалник кој ќе ве повика да ги затворите прозорците и веројатно гледате дека може да се види таа разлика, истакна Шилегов.

Тој потсети дека од Нова година во централното градско подрачје има посебен сообраќаен режим за дотур на роба до продавниците. Според него, секој еден мал сегмент придонесува да имаме за нијанса поквалитетен воздух.

- Ова ќе биде долга и макотрпна битка, но јас сум убеден дека ќе ја добиеме како граѓани на Скопје. Невлегувањето на околу 4.000 мини товарни возила за дотур на роба во централното градско подрачје придонесува на извесен начин да се намали сообраќајниот хаос во текот на денот и има свој придонес, оцени Шилегов.

На новинарско прашање за кучињата скитници, Шилегов потсети дека Град Скопје во соработка со Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ изготви посебен извештај кој и беше презентиран на јавноста. Посочи дека на 17 страници се предвидени чекорите за овој проблем, а во буџетот на Град Скопје за 2018 година се предвидени повеќе од 10 милиони денари за ова прашање, сума која е надвор од тековните трошоци на ЈП „Комунална хигиена“.

- Ова е сума која досега не била издвоена. Почнуваме системски да го решаваме проблемот со цел во еден среднорочен рок Град Скопје повеќе да нема проблем со кучињата скитници, рече Шилегов.

Прашан за зимскиот возен ред на ЈСП Скопје, Шилегов рече дека тоа се практикува во Скопје повеќе од 20 години.

- Во деновите кога воведуваме вонредни мерки, зголемен е обемот на автобуси и е бесплатен превозот. Сообраќајниот сектор на градот Скопје работи на изработка на студија за нов концепт на градскиот превоз бидејќи Скопје дефинитивно има многу застарен јавен градски превоз, рече Шилегов по отворањето на Музејот на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/01/2018 18:35