Градоначалникот Петре Шилегов денеска ја отвори постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ во целосно реновираната прва партизанска оружарница во Скопје во Меморијалниот музеј сместен на левиот брег на реката Вардар, на кеј „Димитар Влахов“, зад Археолошкиот музеј на Македонија.

Во услови на окупација и полициски режим, во непосредна близина на кејот и зградата на Митрополијата, на улица Пајкова број 2, формирана е првата илегална работилница во градот. Задачата околу формирањето и организирањето на работилницата им била доверена на Илија Јакимовски Илчо, Роберт Гајдик и Бранислав Шикиќ, а тие, задачата му ја довериле на електромеханичарот Серафим Видовски кој имал работилница во дворот на својата куќа. Оваа скромна работилница прераснала во јадро на создавање на новата историја на градот и еден од симболите за отпорот на населението против окупаторот и неговиот терор.

Оваа куќа и скромна работилница го дочекала ослободувањето на на Македонија и опстојале сe до 1965 година, но со новиот урбанистички план и изградбата на Стопанската банка во комплексот на културните институции, куќата и работилницата биле урнати. Овој објект во 1981 година е пренаменет во Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), и како нем потсетник за хероите и борците коишто пожртвувано се бореле и вршеле диверзантски акции врз надмоќниот фашистички окупатор за да ја ослободат нашата татковина.

– На 13 Ноември минатата година, на денот на ослободувањето на градот, Ви најавив дека многу скоро повторно ќе го отвориме овој музеј кој неправедно беше затворен долги години заради реновирање. Согласно со историското редефинирање на градот кое го спроведуваше поранешната власт, антифашистичката и современа историја на Скопје беше намерно фрлана на маргините, а со тоа и спомениците, бистите и спомен-плочите посветени на народно-ослободителната војна беа намерно запуштени и неодржани. Со отворањето на Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ го започнуваме спротивниот процес. Историјата на антифашистичко Скопје, на партизаните, на диверзантските групи, на првиот скопски партизански одред, повторно ќе биде дел од градските културни политики, одбележувања и останати содржини. Некогаш познатата, а сега заборавена, илегална партизанска оружарница од денеска е повторно достапна за граѓаните, како вредно културно и историско наследство од современата македонска историја. Ќе биде отворена секој работен ден со дежурен кустос и ќе биде полна со ученици од Скопје. Но, исто така, треба да стави уште една содржина на туристичката мапа на градот –истакна градоначалникот Шилегов.

Исто така, тој нагласи дека повторното отворање на Музејот симболично се случува на ден, кога пред точно 75 години, по долго физичко измачување во „Обласната полициска управа во Скопје“ и без судски процес, убиени биле народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.

– Во овие простории била сместена работилницата на Серафим Видовски и била опремена со најнеопходниот електро-механичарски рачен и статичен алат. За време на окупацијата, тука е формирана првата илегална работилница за оружје во градот која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година. Во целосно зачуваната тајна работилница е сместена новата изменета и надополнета поставка, со нови содржини кои ги пренесуваат фактите за едно историско време особено значајно за историјата на градот Скопје – изјави Шилегов на отворањето на поставката.

Градоначалникот Шилегов ја изрази подготвеноста на Градот да продолжи да ги отвора институциите на културата за сите граѓани и да работи на негување и промоција на културно-историското наследство, бидејќи тоа им го должиме на оние што се изборија за нашата слобода, за слободата на град Скопје. Исто така, на присутните борци од 12-тата Ударна бригада им порача дека нивната историја, наследството и светот што го создадоа и оставија за генерациите по нив, нема да бидат заборавени и ќе бидат секогаш ценети.

Оваа илегална работилницата била мошне скромно опремена со зарѓани делови на оружје: револвери, пушки, шмајзери и сл., но во неа се изработувале и боеви средства како конструкции на рачни бомби, пеколна машина, нагазни мини за железница и друго, коишто „громогласните“ херои ги користеле во своите диверзантски акции.

Со новата изменета и надополнета поставка, чиј автор е Зоја Богдановска, виш кустос историчар, и изложувањето на деведесетина зачувани музејски експонати се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди со времето на Втората светска војна.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/01/2018 18:37