Воздухот во Скопје и изутринава е загаден над дозволеното. Највисоки концентрации на ПМ10 честички повторно има во Лисиче 313 микрограми на метар кубен, кај Ректорат се измерени 182, во Гази Баба 159, во Центар 110 и во Карпош 96 микрограми.
По добиените информации дека квалитетот на воздухот во Скопје последователно два дена е загаден над дозволеното, односно над 200μg/m3, вчера повторно беа активирани мерките за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот.
Од владината прес-служба информираа дека министерствата за животна средина и просторно планирање и за здравство се должни да ги oслободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, лицата со прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, да се реорганизира работното време, лицата на отворено да работат од 11 до 17 часот, да ја спроведат забраната за одржување на спортски натпревари и други манифестации на отворено, да обезбедат услови за зголемени активности на службата за брза помош, домашната посета и патронажната служба.
МВР треба да ја активира и да ја спроведе одлуката и контролата на веќе воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР (да се користи обиколницата). Единиците на локална самоуправа се должни да го спроведат издавањето одобренијата за дотур на роба во забранети зони за сообраќај со важност до 7:30 часот, обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18 часот, да се обезбеди или бесплатен јавен превоз или намалување на цената на билетот на градскиот превоз во период на неповолни климатски услови, што би било поттик за граѓаните за користење на јавниот градски превоз, да се зголеми фрекфенција на автобуси на ЈСП на сите дестинации, дневно чистење на улиците и пешачките површини и да ги зголемат инспекциските контроли на градилиштата, на ракувачите со отпадни масла и сервисите што работат на промена на масла.
Владата, воедно, ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпрјатијата и АД во државна сопственост, како и на ЕЛС да ја ограничат (до 50%) употребата на службените возила.
Се посочува дека градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште итн.), а градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.