Градот Скопје не предвидува забрана за влез на возила во Скопје кои доаѓаат од внатрешноста на државата. Тоа никогаш ниту било предвидено ниту предвидуваме да забраниме влез на возила во Скопје од другите градови, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Тој денеска на прес-конференција на новинарско прашање ги отфрли ваквите пишувања на некои портали како дезинформации и го појасни проектот Паркирај и вози, кој што го најавил во изборната кампања, а кој досега, вели, никој го нема понудено, како идеја која треба да помогне за релаксирање на сообраќајот во градот.
- Проектот „Паркирај и вози“ опфаќа можност за луѓето кои доаѓаат надвор од Скопје на организиран начин и безбедно да ги остават своите возила на паркинзите што ќе ги изгради Градот Скопје на влезот од градот и од таму да го користат јавниот градски превоз за да ги завршат своите потреби. Тоа е цел концепт кој што сметаме дека доколку биде понуден на сограѓаните ќе го користат. За нив ќе биде многу поевтино бидејќи во една цена ќе имаат и паркирање на возилото и користење на јавниот градски превоз - рече Шилегов.
Овој проект нагласи е дел и од системското решавање и менување на концептот на јавниот градски превоз, на кој градот работи, а со цел тој да стане поквалитетен за скопјани и за посетителите.
Според некои проценки во јавноста, секој ден во Скопје влегуваат десетици илјади возила од градовите од внатрешноста, кои што значително придонесуваат за сообраќајниот метеж во Скопје.