Во Вевчани со карневалската поворка која тргна во 14 часот денеска почна традиционалниот карневал кој датира 1.400 години наназад. Одбележувањето ќе заврши утре со спалувањето на маските и честитки за Стара нова година.
Општествено политичките случувања кај нас и во светот и годинава беа инспирација за василичарите да имаат креативни и критички маски во дефилето. Колоритните маски продефилираа низ Горна и Долна маала, а покрај традиционалните Глупав Август, ѓаволите, музикантите, зетот и невестата, забележани беа „Скопје 2025“ за загаденоста во главниот град, но имаше и карневалска група што ги исмејуваше народните избраници и нивните паушали за патни трошоци, за двојазичноста, случувањата во Собранието, правата на ЛГБТ заедницата…
Вевчанскиот карневал привлече голем број туристи од земјава, но имаше посетители од Србија, Бугарија, Турција. Покрај бројните туристи кои допатуваа во Вевчани беа присутни политичари и дипломати од странските амбасади.
На свеченото прогласување на карневалот за беше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој рече дека е првпат на вевчанскиот карневал, и приватно и професионално.
– Вевчани и карневалот се носители на отпорот и на традицијата, на демократската борба и на критичноста, на слободоумноста и на креативноста. Тие резонираат и со новите владини политики. . Креативни се отворени и го шират принципот за кој се залагаме демократизација на културата и општеството, освојување на нови хоризонти на критичната култура – рече Алаѓозовски.