Градските власти наскоро ќе вработат уште четири еколошки и комунални инспектори, потврди град Скопје.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов неодамна на брифинг со медиумите посочи дека за месец и пол Град Скопје извршил над 240 инспекци. Во моментов имаат 13 луѓе со звање инспектор, 10 се комунални и три се за животна средина, а имаат и 13 возачи.
- Несомнено е дека бројот на инспектори за животна средина и комунални инспектори е премал и оптимално би било за почеток да се надополнат барем со уште толку инспектори. Засега Град Скопје има можност и тоа ќе биде направено наскоро. Ќе се вработат уште четири еколошки и комунални инспектори - соопшти Град Скопје.
Градските власти информираат дека бројот на извршени надзори е огромен бидејќи секојдневно инспекторите се на терен, независно од постојното работно време и без разлика дали е празник или викенд.
Според нив, бројот на инспекциските контроли е особено зголемен по воведувањето на бесплатната телефонска линија 193 и формирањето мешовитите тимови за интервенции при палење огнови на отворени површини.
Град Скопје апелира граѓаните на 193 да пријавуваат диви погони, палење гуми, пластика и други штетни матeријали на отвoрено.
Од средината на декември 2017 година, кога беше воведена линијата, досега имало околу 900 јавувања, а една третина од нив биле несоодветни.